Пакистанската компанија „Џонсон и Филипс агро“ е нов сопственик на некогашната кланица на АД „Малина“ од Kрива Паланка. Фирмата веќе го потпишала договорот за купопродажба со доверителот Шпаркасе банка, а деновиве ќе се изврши промена на сопственоста и во катастарот. Новиот сопственик планира рестартирање на кланичниот објект и проширување на производството, а за почеток се предвидени околу 50 нови вработувања. Се работи за пакистанска компанија која планира рестартирање на производството во кланицата, но и изградба на уште два погона - за преработка на месо и за преработка на овошје и зеленчук. Инвеститорот веќе поднесе барање за купување на земјиштето во кругот на овој објект, каде е планирана изградбата на новите погони, а врз кое досега се имаше само корисничко право, додека сопственоста беше на државата. Истовремено, поднесено е и барање за изработка на урбанистичка планска документација за вцртување на новите објекти, кои ќе бидат изградени во овој комплекс.
Пакистанската компанија „Џонсон и Филипс агро“ е нов сопственик на некогашната кланица на АД „Малина“ од Kрива Паланка.
Фирмата веќе го потпишала договорот за купопродажба со доверителот Шпаркасе банка, а деновиве ќе се изврши промена на сопственоста и во катастарот. Новиот сопственик планира рестартирање на кланичниот објект и проширување на производството, а за почеток се предвидени околу 50 нови вработувања.
- Се работи за пакистанска компанија која планира рестартирање на производството во кланицата, но и изградба на уште два погона - за преработка на месо и за преработка на овошје и зеленчук. Инвеститорот веќе поднесе барање за купување на земјиштето во кругот на овој објект, каде е планирана изградбата на новите погони, а врз кое досега се имаше само корисничко право, додека сопственоста беше на државата. Истовремено, поднесено е и барање за изработка на урбанистичка планска документација за вцртување на новите објекти, кои ќе бидат изградени во овој комплекс, информира градоначалникот на Kрива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Тој потенцира дека кланицата била во најдобра состојба од индустриските погони во општината, заради што и во неговата изборна програма било предвидено решавање на сопственичките односи и рестартирање на производниот процес во овој објект.
- Инициравме решавање на овој проблем и со помош на Владата и Агенцијата за странски инвестиции, успеавме да донесеме странски инвеститор, кој ќе вложи во обновување на производствениот објект, кој стоеше неискористен и пропаѓаше. Многу важно е што покрај инвестицијата во кланицата и новите погони, новиот сопственик планира и воспоставување кооперантски односи со индивидуалните производители. Од негова страна ќе биде обезбеден добиток и храна, а стоката ќе биде дадена на одгледување на сточарите. Подоцна, тие ќе се предаваат во кланицата, а на производителите ќе им се исплаќа разликата во тежина. На овој начин ќе се обезбедат индиректни вработувања, а истовремено ќе се влијае и на зголемување на добиточниот фонд во општината, вели Алексовски.
Kланицата ќе работи по ХАЦЦП и ХАЛАЛ-стандардите, што значи дека ќе се отворат можности за извоз не само во европските, туку и во муслиманските земји.
Инаку, кланицата не работи веќе 15-ина години и откако беше отворена стечајна постапка во АД „Малина“ имаше проблеми за решавањето на должничко-доверителските односи и продажбата. Досега се менуваа повеќе сопственици, но, за жал, никој не успеа да го заживее производството на кланицата, која своевремено имаше и дозвола за извоз на јагнешко месо во земјите на ЕУ.